Во Службен весник на РСМ бр. 169/2020 година се објави измена на Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба која стапи во сила на 22 јуни 2020 година.
Обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност, а кои имаат претрпено штети во своето работење заради ширењето на Коронавирусот КОВИД-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците Март, Април, Мај, Јуни и Јули 2020 година.
Со измените на Уредбата се пропиша и ново Барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход остварен од вршење на самостојна дејност – Образец ДЛД – ОМА.
За остварување на правото, даночните обврзници поднесуваат Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход до Управата за јавни приходи. Поднесувањето на барањето се врши преку системот е-Персонален данок https://e-pdd.ujp.gov.mk, а комплетното барање го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на барањето.