Со купување на производи од домашно производство, со скенирањето на фискалните сметки ќе добиете поголем поврат на „Мој ДДВ“, а за произвоите од странство ќе добиете помалку. Повратот за купените домашни производи се зголемува за 5 процентни поени, а се намалува за исто толку поени за купените производи од странско потекло. Повратот на ДДВ-то до сега за сите производи и услуги изнесуваше 15 отсто.
Решението беше донесено на седница на Влада со измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба, со цел зголемување на прометот на домашните производи и услуги.
Со ова решение досегашните 15 отсто за враќањето на ДДВ за промет од домашни производи и услуги се зголемуваат на 20 отсто, а за прометот од странски производи враќањето на данокот ќе изнесува 10 отсто од пресметаното ДДВ во фискалната сметка.
Со промените во оваа уредба, на граѓаните кои по грешка го донирале повратот од „Мој ДДВ“ од првиот квартал од 2020 година, им се овозможува да си ги повратат парите, со тоа што ќе можат да го променат својот одговор до 30 јуни 2020 и истите да им бидат исплатени најдоцна до 30 јули 2020 година.