Дали обработката на лични податоци може да ни помогне да го следиме и запреме ширењето на коронавирусот?

COVID-19-NEW-WEB-POST

Дали собирањето на податоци може да биде клучно за пронаоѓање на решение при појава на итни случаи на јавното здравје како што е COVID-19 и дали креирањето на дигитален надзор за контрола на пандемијата на коронавирусот може да носи голем ризик од неуспех и несакани ефекти?

Поради следење, успешно борење против ширењето, рано откривање и сузбивање на COVID-19, Владата на Република Македонија донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба. Согласно сево ова Министерството за здравство како мерка може да примени интернет платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично за утврдување дали одредено лице било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус, како и за навремено информирање на одредено лице дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус и негов навремен медицински третман.

Од аспект на заштитата на личните податоци, Министерството за здравство сега ќе има правна основа врз која ќе ја спроведе обработката на личните податоци, при што ќе се применуваат и прописите од областа на заштита на личните податоци.

Важно е да се напомене дека Законот за заштитата на личните податоци, како и Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR) не се пречка за спроведување на мерките за превенција од ширење на корона вирусот. Треба да се земат предвид членот 10 став 1 алинеја 5 и членот 13 став 2 алинеја 9 од Законот за заштита на личните податоци, согласно кои обработката на личните податоци е законита, доколку е потребна за извршување на работи од јавен интерес или при вршење на јавно овластување на контролорот утврдено со закон и може да се врши ако е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство, како што се заштита против сериозни прекугранични закани за здравјето, во кои се предвидени соодветни и конкретни мерки за заштита на правата и слободите на субјектот на личните податоци, особено заштита на деловна тајна.

Според Агенцијата за заштита на личните податоци, мерките против коронавирусот кои ги применуваат државните институции, приватните компании и организации може да вклучуваат и обработка на личните податоци како име и презиме, адреса, работно место, податоци за патување, меѓу кои и посебни категории на лични податоци како што се податоците за здравјето на луѓето. Исклучоците за обработка на овие податоци утврдени со закон, не се однесуваат на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација, па оттука секое објавување и споделување на лични податоци од страна на неовластени лица, за лица заболени од коронавирус или лица кои се во домашна изолација или во државен карантин, претставува повреда на приватноста и на правото на заштита на личните податоци и подлежи на санкции согласно закон.

Во насока на горенаведеното, Владата на Република Македонија ја усвои информацијата за StopKorona! – мобилна апликација за следење на изложеноста на коронавирусот и го овласти Министерот за здравство да го потпише Договорот за донација помеѓу Друштвото за информатичка технологија Некстсенс ДОО како Давател на донацијата и Министерството за здравство на Република Македонија како примател на донацијата.

StopKorona! e мобилна апликација за справување со коронавирусот, наменета за откривање близок контакт со потенцијално заразени лица преку постапка за детекција на блискост на мобилни уреди/апликации преку Bluetooth технологија.

Согласно Политиката за приватност (упатства за кои податоци треба да се обработуваат и за која цел), која е достапна на stop.koronavirus.gov.mk, eдинствените податоци кои ги чува Министерството за здравство се:

• мобилен телефонски број;
• уникатен произволен код за корисничка идентификација;

Апликацијата не следи ниту собира податоци за движењето и локацијата, а податоците ќе се користат единствено за пронаоѓање на лицата кои би можеле да бидат потенцијално инфицирани со COVID-19. По своја слободна волја може да се оневозможи функционалноста на апликацијата во секое време со исклучување на дозволата за Bluetooth преку апликацијата или со бришење на апликацијата.

Примената на мерките за борба против COVID-19 со употреба на лични податоци веројатно нема да се соочи со правни пречки. Вистинските пречки би можеле да бидат губење на јавната доверба заради злоупотреба на личните податоци, доколку личните податоци се користат за други неповрзани цели или доколку образложението за употреба на податоците не е напишано и објавено на јасен, разбирлив и лесно достапен начин. Ваков проект може да функционира само ако учествуваат голем дел од граѓаните.

Прашањето не е само дали е можно да се користат личните податоци, туку и како тоа да се направи правилно. Поради тоа, важно е обработката на податоците, вклучувајќи ги и податоците за здравјето на луѓето, да биде оправдана и ограничена на она што е неопходно за постигнување на целта.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest