Три економски мерки на Владата за компаниите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од COVID-19

COVID-19-PIC

Владата на Република Македонија донесе три уредби со законска сила за финансиска поддршка на компаниите и физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.

Главна мерка е финансиската директна помош од 14.500 денари месечно, за месеците април и мај, за секој вработен од фирмите погодени од кризата, за која е донесена е Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.

Финансиската поддршка се однесува на секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачите кои преку приватни агенции за вработување, ангажираат работници за извршување работни задачи, согласно Законот за приватни агенции за вработување.

Подобни да аплицираат за оваа мерка се дури 87% од компаниите, ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник, за април и мај, изнесува 29.000 денари, односно по 14.500 денари месечно.

Со оваа мерка ќе се врши исплата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, сразмерно на работните часови поминати на работа пред настанување на кризата предизвикана од COVID-19. Ова значи дека доколку работникот бил ангажиран за полно работно време, ќе му биде исплатен целиот предвиден износ согласно оваа мерка – 14.500 денари, а доколку бил ангажиран со скратено работно време, ќе му биде исплатен сразмерен износ.

Работодавачот – барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:

  • намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишани во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот проесек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%,
  • да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец јуни 2020 година;
  • за месецот за кој се бара финансиска поддршка,просекот на делот на највисоките нето плати на 10% од вкупниот број на вработените кај работодавачот-барател на финансиска поддршка, да не надминува износ од 120.000 денари месечно по вработен.

Согласно уредбата со законска сила, работодавачот не може да користи финансиска помош за работник доколку:

  • работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, за остварен вкупен број на ефективни часови во месецот,
  • работодавачот за работникот користи субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување согласно со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата и/или ослободување за данок на личен доход согласно со друг пропис, ако ја намали платата на работникот за периодот додека користи финансиска поддршка за исплата на платите согласно со оваа Уредба.
  • работодавачот за работник користи поддршка, односно субвенционирање на социјалните придонеси од плата согласно со друг пропис и на кој му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања согласно со закон и
  • работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи.

Мерката не се однесува на сопственик/основач на работодавачот – барател на финансиска поддршка, управител, прокурист, односно застапник по закон и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка. Исто така не се однесува на органи, институции, агенции и други субјекти на државна власт како и на приватни агенции за вработување за работници кои ги отстапиле на работодавачи од државна власт.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите (вклучувајќи ги вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време), намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник.

Алтернатива на оваа мерка е мерката за финансиска поддршка за покривање на половина од придонесите на своите вработени, за која е донесена Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.

Ова значи дека работодавачите може да одлучат да ја користат мерката за покривање на 50% од придонесите на своите вработени, наместо финансиската директна помош од 14.500 денари месечно по вработен за месеците април и мај.

Согласно уредбата, субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не може да користат: орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Македонија и со закон, институции кои вршат дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје. Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не може да се користи за лицe- работник со дополнително работење со неполно работно време кај друг работодавач, согласно членот 121 од Законот за работните односи. Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила не може да се користи истовремено за вработен за кој работодавачот користи субвенционирање согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

На работодавач, за секој осигуреник, за месеците април, мај и јуни 2020 година, му се субвенционира износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување во висина од 50% од пресметаните придонеси од задолжително социјално осигурување од страна на обврзникот, но најмногу до 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за месец јануари 2020 година.

За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, работодавачот треба да ги исполни следните услови:

  • намалувањето на вкупните приходи во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;
  • бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, да не е намален за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, освен во случај на пензионирање или смрт и
  • да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.

Работодавачите кои го искористиле правото на финансиска поддршка за исплата на плати или правото на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, имаат обврска примените финансиски средства да ги вратат во Буџетот на Република Македонија, но најмногу до износот од 50%:

  • остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи од Даночниот биланс;
  • остварениот финансиски резултат од Билансот на успех (добивка пред оданочување) за 2020 година за обврзниците кои се во режимот на годишен данок на вкупен приход;
  • износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во образецот Б, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

За исплата на финансиска помош на физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од кризата предизвикана од COVID-19, Владата донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19 за време на вонредна состојба.

Според уредбата со законска сила, под „Физичко лице кое врши самостојна дејност“ се подразбира трговец поединец, физичко лице кое врши земјоделска дејност, лице кое врши занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење дејност и е запишано во соодветен регистар.

Финансиската поддршка е исплата на финансиски средства во износ од 14.500 денари месечно за физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, на трансакциска сметка преку која тоа лице врши трансакции за дејноста.

За користење на финансиската поддршка, физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, а се оданочува според вистински доход треба да ги исполни следните услови:

  • намалувањето на вкупните приходи на физичкото лице од вршење на самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, во месец март 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност во 2019 година;
  • за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка кое е запишано во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи од самостојна дејност, за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година.
  • за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи од самостојна дејност за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи од самостојна дејност за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%.

Финансиската поддршка не може да оствари физичко лице вршител на самостојна дејност кое се оданочува по вистински доход и кое во 2019 година на годишно ниво има остварено нето доход пред оданочување во износ поголем од 478.800 денари, односно физичко лица кое врши самостојна дејност и се оданочува според утврден годишен паушален нето доход и кое во 2019 година има утврден годишен паушален нето доход поголем од 478.800 денари.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба со законска сила и четири месеци по престанувањето на важењето на оваа уредба со законска сила, физичкото лице кое врши самостојна дејност – корисник на финансиска поддршка не може да престане со вршење на дејноста, освен во случај на пензионирање и смрт на физичкото лице.

Физичкото лице кое врши самостојна дејност и се оданочува по вистински доход – барател на финансиска поддршка кое го искористило правото на финансиска поддршка, согласно оваа уредба со законска сила должен е примените финансиски средства да ги врати во

Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат за 2020 година, пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б), зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Враќањето на износот, ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Со оглед на тоа што негативните ефекти од COVID-19 врз македонската економија ќе се одразат на сите компании и физички лица кои извршуваат самостојна дејност, овие три економски мерки ќе им помогнат да се справат со последиците од пандемијата на коронавирусот.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest