Во Службен весник на РСМ, бр. 93 од 7.4.2020 година објавена е Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор за исплата на платите за месеците Aприл и Mај 2020 година.
Кои услови треба да ги исполни работодавачот-барател на финансиска поддршка ?
a) намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец Април 2020 година или во месец Мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година.
б) работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда.
в) најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот – барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка.
г) Работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите од оваа точка.
Кога работодавачот барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка ?
Работодавач-барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:
а) работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време.
б) користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба,
в) користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и
г) работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи.
Кои се обврските на работодавачот кој користел финансиска поддршка за платите ?
Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска за времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец Септември 2020 година), да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите.
Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година.
Враќањето на средствата ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците Април, Мај и Јуни 2021 година.